Нема да има активна регистрација на гласачите за прочистување на Избирачниот список

0
245

СДСМ се откажува од барањето за активна регистрација на гласачите, соопшти ВМРО ДПМНЕ по денешните меѓупартиски разговори.

„Партијата која беше најголем поборник за активна регистрација како метод за прочистување на Избирачкиот список, што е оспорен од некои партии, денеска се повлече од тоа барање. Тоа го менува текот на самите разговори и веројатно ќе треба да се изнајде некој нов концепт, во кој што опозициските партии би биле сигурни дека ќе ја зголеми нивната доверба во Избирачкиот список. Ние како владеачка партија сме подготвени она што опозициските партии ќе го усогласат и побараат, да го поддржиме и да го прифатиме бидејќи немаме што да криеме”, изјави претставникот на ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Од опозицијата пак велат дека партијата не се откажала ниту од воведување активна регистрација на гласачите, ниту од проверка на Избирачкиот список.

„За фер и демократски избори во Македонија мора да има нов Избирачки список. Прашање на техника е како ќе се стаса до него. Ние веќе неколку години бараме целосна теренска проверка на списокот, а втора варијанта е активна регистрација на гласачите. Постојат и други примери но повторно е прашање на техника. Очигледно стратегијата на ВМРО ДПМНЕ И ДУИ за одолговлекување со цел да не се постигнат некои решенија води до непочитување на договорот и до прекршување на некои негови основни одредби, изјави претставникот на СДСМ во преговарачкиот процес, Дамјан Манчевски.

Двете најголеми партии имаат спротивни ставови и не можат да се договорат ниту за гласањето на дијаспората ни за изборните тела. Според договорот од Пржино, рокот за гласање на измени на Изборниот законик завршува во вторник.