Нема да има „Ден на дрвото“

0
253

Владата донесе одлука за укинување на ацијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ поради незадоволителни резултати. Според Владата на РМ, досега се посадени 35 милиони садници, а процентот на успешност од акција до акција се движел меѓу 0 и 15%.

„На седницата владата ја разгледа и усвои информацијата за спроведување на пошумувањето на површините предвидени за акцијата ‘Ден на дрвото – засади ја својата иднина’ за есенскиот дел во 2017 година, со динамика и акциски план за реализација на истата, и донесе одлука за престанок на акцијата“, соопшти владината прес-служба.

Исто така, Владата го задолжи јавното претпријатие „Македонски шуми“ да достави сеопфатна информација за ефектите и резултатите од оваа акција.

Идните активности за пошумување, велат од Владата, ќе се реализираат со одобрена предлог-програма за проширена репродукција на шумите на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“.

Укинувајќи го проектот „Ден на дрвото“, владата на СДСМ ја покажува лажната грижа за чист воздух, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека новата влада ќе се памети по уривање, стопирање и по наметнување на нови давачки.

„Наместо со ново зеленило, тие против загадувањето се борат со зголемување на цената на нафтата, зголемување на цената за паркирање и со редица ретроградни мерки. Повеќе од 35 милиони садници се засадени од 2009 година досега, со повеќе од 50 проценти успешност, што се смета за едно од најуспешните пошумувања во регионот. Само во Скопје во изминатите четири години засадени се 256.000 листопадни дрвја и зимзелени садници“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ почна во 2008 година и во првите четири години, до 2011, се спроведуваше во две сезони – пролет и есен. Во последните пет години, пак, пошумувањето се извршува само на есен. Денот кога се спроведуваше оваа акција ширум целата земја беше неработен за голем број на работници имајќи го предвид фактот дека истата беше поддржана од сите надлежни министерства, од заедницата на локалната самоуправа со општините и други јавни институции.

Од 2008 година, кога почна акцијата „Ден на дрвото“, досега се пошумени нешто повеќе од 13.000 хектари со над 35 милиони садници, а само минатата година, пошумени биле над 500 хектари со повеќе од 2,6 милиони дрвца.

Оваа одлука на владата ќе значи дека од следната година ќе имаме 2 неработни денови помалку на располагање.