Нема да има генерален реизбор на судии

0
333

Мислам дека е апсолутно погрешна интерпретацијата дека владата или новото парламентарно мнозинство ќе прави реизбор на судии. Ќе се зголеми улогата на новиот Судски совет во дефинирање на постапките за избори или дисциплинирање на судиите, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Османи, дали реализацијата на планот 3-6-9 е сигурна гаранција дека Македонија може да ги отвори преговорите за членство со Европската унија?

Планот 3-6-9 е една траекторија од мастер планот на Владата за откочување на евроинтегративните процеси. Втората траекторија е адресирање на отворените политички прашања. Тука влегуваат меѓуетничките односи и односите со соседите. Меѓутоа се разбира планот 3-6-9 е важен план, којшто сам по себе има две цели. Едната е да создаде општество коешто е европско и добро за граѓаните и второ, да ги постигнеме очекувањата на нашите европски партнери во делот на интегративниот пат, меѓутоа одлуката за започнување на преговори е консензуална одлука на сите земји членки и за тоа треба да се исполнат двете траектории.

Што би издвоиле како најприоритетни од итните реформски приоритети?

Планот 3-6-9 опфаќа повеќе области, се разбира доминантно е правосудството, бидејќи тука е неопходно да се адресираат прашањата, бидејќи се констатирани и од новата влада и од Европската комисија и од другите меѓународни партнери, слабости во однос на системот на правосудството, селективноста во водењето на правдата, меѓутоа и независноста и непристрасноста на судството и тие прашања треба да се адресираат.

Го споменавте судството, како планирате да го реформирате или поконкретно идејата за реизбор на судии?

Мислам дека е апсолутно погрешна интерпретацијата дека владата или новото парламентарно мнозинство ќе прави реизбор на судии, тоа е во спротивност со препораките на Европската комисија и на телата на Советот на Европа и во спротивност со политиките на новото парламентарно мнозинство и на владата, туку напротив ќе се зголеми улогата на новиот Судски совет во дефинирање на постапките за избори или дисциплинирање на судиите. Дури една од мерките која е предвидена во планот 3-6-9 е анулирање на закон за верификација на факти за дисциплинирање на судиите, бидејќи тоа го сметаме како начин или инструмент за притисок, туку зголемување на улогата на Судскиот совет во тој дел, така што нема да има генерален реизбор на судии, туку воспоставување на систем со цел квалитетен избор на судии, кои ќе бидат независни и непристрасни во својата функција.

И по средбите на медијаторот на ОН за спорот за името, Метју Нимиц, со министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција гледаме дека нема сигнали за брзо решавање на спорот за името. Имате ли некаков план, дали Владата има временска рамка во којашто би можело да се реши овој повеќедецениски спор?

Позитивни сигнали има, Нимиц после повеќе време и само неколку денови после формирањето на владата дојде во Скопје, потоа Димитров беше во Атина, Нимиц се сретна со Коѕиас и јас преку СЕП работам за воспоставување на нови мостови на комуникација со Грција, евентуално и средба на високо ниво со Грција, бидејќи само преку градење на мерки на доверба, само преку градење на мостови на комуникација и отстранување на предрасудите, ние може да создадеме основа за решавање на ова прашање. Потребни ни се храбри одлуки, владата е одлучна да влезе во разговори за решавање на ова прашање, се разбира дека нашиот интерес е и Грција да учествува во тој дел, во наоѓање на заедничко прифатливо решение, бидејќи тоа е во интерес на двете држави и на регионот во целина.

Без коментари