Нема информации за настрадани македонски државјани во ураганот Ирма

0
423

Во врска со ураганот Ирма кој ги зафати Карибите и брегот на САД, од министерството за надворешни работи на Македонија информираат дека  до овој момент, до Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон не се обратиле за помош македонски државјани.

„Воедно, во комуникација сме и со Канцеларијата на странски мисии во Вашингтон и до денес немаме добиено информација за пријавени македонски државјани од погодените подрачја.

Од социјалните мрежи дознавме дека има македонски државјанин на островот Ст. Мартин. Иако островот територијално припаѓа под јурисдикција на Франција и Кралството Холандија, поради географската близина сепак пробавме да стапиме во контакт уште во текот на вчерашниот ден (преку социјалните мрежи) но се уште немаме добиено одговор.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501“ велат од МНР.

Според локалните власти, иако ураганот паднал на четвртиот степен од Сафир-Симпсон скалата, тој се’ уште претставува опасност за жителите на Флорида. Во тој контекст се препорачува:

  • Постојано да се информирате за ситуацијата
  • Да се следат строго упатствата на локалните власти
  • Не ја потценувајте опасноста, доколку постои препорака или наредба за евакуација – направете го тоа во најкраток можен рок
  • Според податоците од Националниот центар за урагани во Вашингтон, ураганот Ирма ќе стигне до брегот на Флорида во недела