Нема мерки за претпазливост против тројца осомничени

0
317

Решението на судијата на претходната постапка се потврдува и жалбата на СЈО за определување мерки на претпазливост за сите три лица се одбива како неоснована, соопшти Кривичниот суд.

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција го потврди решението на судијата на претходна постапка со која беше одбиено барањето на СЈО за определување мерки за претпазливост против три лица осомничени во случајот „Трезор“.

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје постапувајќи по жалбата на специјалното јавно обвинителство против решението на судија на претходна постапка од 4 ноември за определување мерки за претпазливост против три лица опфатени во предметот „Трезор“, на одржана седница денеска донесе решение со кое решението на судијата на претходната постапка се потврдува и жалбата на СЈО за определување мерки на претпазливост за сите три лица се одбива како неоснована“, соопшти Кривичниот суд.

Во случајот „Трезор“ за незаконско купување опрема за потребите на МВР три раководни лица од УБК и едно раководно лице од Министерството се осомничени за злоупотреба на службената положба и за оштетување на буџетот на РМ во износ од 862.045 евра. Според доказите со кои располага СЈО, како што велат оттаму, наместо опремата да биде набавена директно од правно лице од Велика Британија, како најевтин начин на набавка, осомничените со цел да прибават имотна корист за правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ – Скопје договориле истата да се изврши преку него.