Нема ново писмо од Хан до лидерите

0
524

Нема нови иницијативи од Брисел, ниту поместување во позициите на политичките партии во Македонија за ставање крај на политичката криза.

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан не им испратил ново писмо на политичките лидери во Македонија, изјави за ДВ портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Од Брисел засега нема нова иницијатива за надминување на политичката криза во земјата. Контактите со политичките лидери во земјата за време на продолжениот празничен викенд ги вршела Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Коцијанчич вели дека комесарот и тројцата европски пратеници кои се вклучени како медијатори во кризата остануваат на кажаното во претходно објавената изјава и очекуваат од неа да се влечат поенти за натамошни контакти меѓу партиските лидери.

Во заедничката изјава на Хан и европратениците Ховит, Вајгл и Кукан од 21 април годинава, беше изразено длабоко жалење „поради ретроградните чекори кои ја оддалечуваат земјата од нејзините аспирации кон влез во ЕУ“.

Во неа се констатираше дека претседателот Иванов со прогласената амнестија го прекршил Договорот од Пржино и дека тоа „ќе има многу сериозни последици за земјата“.

Во таа изјава за првпат беше најавена можноста дека земјата може да биде казнета поради неисполнувањето на барањата.