Нема ризик од Зика вирусот во Македонија

0
334

Во моментот ризикот за појава на случаи со зика вирусна инфекција во Македонија е екстремно низок од причини што станува збор за вектор пренослива болест која се пренесува од одреден тип компетентни комарци, изјави директорот на Клиниката за инфективни заболувања Звонко Миленковиќ, додавајќи дека постои можност лица кои патувале во земји каде е присутен зика вирусот да го донесат со нив.

– Можноста за појава на внатрешно генерирани случаи во овој момент е екстремно ниска, но тоа не значи дека во следните месеци тоа нема да се менува, особено во април или летните месеци, кога има повеќе компетентни комарци, па така и опасноста ќе биде значително поголема, нагласи Миленковиќ.

Миленковиќ, кој исто така е претседател и на Комисијата за заразни заболувања, нагласи дека денеска е одржан редовен состанок на кој е разгледана актуелната состојба со вирусот зика на глобално ниво, можностите и ризиците за проширување на заболувањето во други средини и Македонија, како и изработка на насоки за постапувања во овој период.

Јованка Костовска од Министерство за здравство рече дека зика вирусот се пренесува преку комарци, кои се преносители на многу други заразни болести и согласно тоа еден од заклучоците на Комисијата за заразни заболувања е навремено започнување со активности за дезинсекција, односно уништување на комарци и започнување со ларвицидна дезинсекција, која е планирана за март месец.