Нема шанса да се градат бегалски кампови во земјата

0
232

Нема шанси да се постават бегалски кампови во Македонија и другите земји кои не се членки на ЕУ затоа што тоа може да доведе до нивна дестабилизација, предупреди вечерва на состанокот македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов,  јави Телма.

Тој побара Македонија да се интегрира во европскиот безбедносен систем и нема против распоредување на Фронтекс на границата со Грција.

Српскиот премиер Вучиќ со ист став, дека Србија не може да биде тампон зона.

-Кажав дека Србија е подготвена да преземе квота. Ако Хрватска земе 2.000 луѓе, тогаш ние сме подготвени да преземеме 3.000, согласно бројот на население. Но прашање е што ќе правиме со овие луѓе. Тие не сакаат да останат во нашите земји, да ги ставаме во затвор?, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ.

Вучиќ практично го повтори ставот од Софија и објасни дека вчера тоа било средба на Крајовската група, во која Македонија не членува  и затоа не била поканета. Овој мини самит го свика претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, но овде во Брисел велат дека го побарала Словенија која дигнала тревога.

-Ако веднаш не преземеме конкретни акции на терен во следните неколку дена  или недели, мислам дека ЕУ и Цела Европа ќе почнат да се распаѓаат, изјави Миро Церар, премиер на Словенија.

 Но оваа драматична изјава на Церар му се припишува на неговото политичко неискуство.

А конкретни чекори нема да има, туку само политичка декларација која се уште се услогласува заради спорниот предлог да не се префрлуваат мигрантите од една во друга земја без претходна консултација.

Лидерите на балканските и дел од земјите на Европската Унија во Брисел имаа можност да се погледнат во очи и да кажат кои се нивните најголеми проблеми и стравувања. Тоа беше идејата на европските дипломати за овој мини самит по тензиите и меѓусебните обвинувања заради огромниот бран на бегалци.