Нема службени возила и мобилни во кампањата за локалните избори

0
518

Изборите се приоритетна област во спроведувањето на планот за реформи 3-6-9, кој го донесе Владата. Вицепремиерот Бујар Османи брифира оти во оваа насока се предвидени 11 реформи кои се краткорочни и треба да се исполнат до пред локалните избори во октомври. Дел од нив ќе треба да ги спроведе Државната изборна комисија (ДИК), а дел Владата. ДИК и МВР ќе продолжат да го ажурираат избирачкиот список, а проверки се направени и изминатиов период во што им помогнале и низата локални референдуми.

Една од предлог мерките е седниците на ДИК да бидат отворени за јавноста, подзаконските акти да бидат согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Ќе се вработуваат нови кадри во ДИК, правници и ИТ инженери за да се зголеми ефикасноста и навременоста во работата.

Мерките за кои ќе биде задолжена Владата, меѓу другото, се и спречување на заплашувањето и притисокот врз администрацијата, а за секои утврдени притисоци и злоупотреби ќе следи суспензија на раководните лица. Ќе се користат и нови методи за да се спречи користење на државните ресурси во кампања, како што се службените автомобили, мобилните телефони, канцелариите.

Исто така, на листата мерки е и Владата да го разреши директорот на МРТВ ако ОБСЕ утврди неизбалансираност во известувањето.

Во одредување на мерките за реформи во врска со изборите помагала и експертска група од Венецијанската комисија која ја следела работата на ДИК.

Без коментари