Немаше разоружување или апсење, тоа е лага

0
1765

Хрватската полиција негира дека полицајците што го придружувале возот со 1.000 мигранти преку унгарската граница биле разоружени или приведени, објаснувајќи дека 36 полицајци уште вечерва се вратиле во Хрватска.

„Немаше ниту разоружување ниту апсење. Тоа не е точно“, рече полициската портпаролка Јелена Бикиќ за Ројтерс уште еднаш повторувајќи дека имало „претходен договор за придружба меѓу полицајците од двете страни“.

Унгарските власти рекоа дека инцидентот се случил поради неуспехот на Хрватска да го координира преминувањето на возот преку унгарската граница и дека тој пристигнал без никакво претходно предупредување.

Иако и министерката за надворешни работи на Хрватска Весна Пусиќ рече дека двете земји се договориле „да обезбедат коридор“ за бегалците, портпаролот на унгарската полиција Золтан Ковач го отфрли ова тврдење како „лага“.

 Министерот за надворешни работи на Унгарија претходно денеска ја обвини Хрватска дека ги поттикнува мигрантите да го прекршуваат законот.

„Наместо да ги почитуваат законите што важат во ЕУ, тие (Хрватска) ги охрабруваат масите да го прекршуваат законот, бидејќи илегалното преминување на границата е прекршување на законот“, изјави Петер Сијарто во Белград. „Во овој момент хрватската влада превезува мигранти – спротивно на важечките закони во Европската Унија – кон унгарската граница, наместо да им даде место за престој и да ги задоволи нивните потреби“, додаде тој.