Нигерија: Боко Харам убил десет луѓе кај Чибок

0
226

Нигериската исламистичка група Боко Харам убила десет луѓе и грабнала други 13 лица во саботата во село близина на Чибок, каде овие џихадисти кои ѝ изразија лојалност на Исламската држава, во 2014 година грабнаа повеќе од 270 ученички, соопштија во неделата вечерта локалните претставници.
На прашање на агенцијата AFP, локалните жители рекле дека борците на Боко Харам дошле во селото Кубриву во саботата ноќта и почнале да пукаат по селаните кои спиеле, пљачкосувајќи ги и палејќи ги нивните куќи, по што побегнале грабнувајќи 13 жени и деца.

„Борците на Боко Харам дојдоа на четири мотоцикли, по тројца на еден, и пукаа во куќите додека луѓето спиеја. Запалија сé откако ги земаа резервите од храна, ја одведоа стоката и грабнаа жени и деца“, изјавил Лука Дамина, жител на соседното село.

„Меѓу грабнатите се седум жени, пет момченца и девојченце“, рекол Ајуба Аламсон, старешина на Чибок, оддалечена 20 километри од нападнатото село.

Во еден од претходните напади на Боко Харам врз селото Кубриву тоа беше целосно уништено, а неговите жители мораа да побегнат. Една година подоцна нигериската војска го ослободи селото, а селаните ги обновија своите домови.

И покрај успесите на војската во борбата против Боко Харам, голем дел од североисточна Нигерија сé уште е под контрола на оваа радикална исламистичка група.

Во Нигерија, особено последните седум години дејствува радикалната исламистичка група која некои ја сметаат и за секта – Боко Харам која е основана во 2002 година. Таа настојува во северна Нигерија да формира исламска држава и се противи на западниот модел на образование што всушност и значи нејзиното име „Западното учење е забрането“ на локалниот хауса јазик.

Групата стои зад повеќето терористички напади во градовите и масакри во руралните области на земјата и се смета за одговорна за повеќе од дваесет илјади жртви и 2,6 милиони раселени лица од 2009 година.

Боко Харам, којашто ѝ изрази лојалност на џихадистичката група Исламската држава, се смета за најголемата безбедносна закана не само за Нигерија, којашто е најбројната африканска нација чии околу 180 милиони жители се поделени речиси половично на христијани и муслимани, најголемата африканска економија и производител на нафта, туку и за соседните држави