Нов обид на мигрантите да влезат во Евротунелот, еден мртов

0
244

Најмалку 1.500 мигранти во текот на ноќта направија нов очајнички обид да влезат во Евротунелот и да стигнат до Велика Британија, кажа за агенцијата АФП извор од француската полиција, додавајќи дека едно лице е пронајдено мртво.

„Нашиот тим утринава пронајде еден труп, а пожарникарите ја потврдија смртта на тоа лице”, потврди портпаролот на компанијата „Евротунел“.

Само една ноќ пред тоа околу 2.000 мигранти се обидоа во францускиот град Кале да влезат во тунелот што ги поврзува Франција и Англија под Ламанш, соопшти компанијата „Евротунел“, додавајќи дека ова во последниот месец и пол бил најмасовен обид за влегување на мигрантите во тунелот.

Телото што е пронајдено утринава му припаѓа на мигрант од Судан, за кој се верува дека бил стар меѓу 25 и 30 години. Него го удрил камион што се истоварал од траектот што ги поврзува францускиот и англискиот брег на Ламанш, наведе полицискиот извор.

Така вкупниот број на мигранти што починале во близина на терминалот на Евротунелот од почетокот на јуни до денес се качи на девет.