Нов рекорд на јапонскиот левитирачки воз

0
212

Како што и најавија од компанијата „Central Japan Railway Co.“, неколку дена откако го постигна светскиот брзински рекорд јапонскиот магнетен левитирачки воз повторно го собори со постигната брзина од 603 километри на час.

Минатата седмица компанијата објави дека на пробното возење во четвртокот вила постигната дотогаш најголемата брзина од 590 километри на час, со што беше соборен рекордот стар 12 години од 581 километар на час.

Станува збор за брзина поголема од онаа којашто ја постигнуваат помалите авиони. Компанијата извести дека овој воз „што лебди“ ќе биде пуштен во редовен сообраќај во 2027 година. Тогаш би требало да се движи со постојана брзина од 505 километри на час, поврзувајќи и градовите Токио и Нагоја. Се надеваат дека патувањето меѓу двата градови во должина од 286 километри ќе успеат да го намалат на само 40 минути, што е за половина покусо од моменталната должина на патувањето.

Јапонците својата ткн маглев/магнетна технологија имаат намера да ја извезуваат во САД, а се понудиле да покријат дел од трошоците за изградба на новата железничка линија меѓу Њујорк и Вашингтон.