Нова истрага на СЈО, за превозот на ученици во Битола

0
1050

Специјалното јавно обвинителство денеска на прес-конференција најави нова истрага која се однесува на превозот на ученици во Општина Битола.

Општина Битола плаќала најскап превоз за учениците од основните и средните училишта на општината, се плаќало многу повеќе од договорените цени во тендерската документација, изјави денеска обвинителката на Специјалното јавно обвинителство Фатиме Фетаи.

Според предистражната постапка, СЈО се сомничи дека градоначалникот Владимир Талески заедно со директори на училишта и управители на превозници направиле штета од околу 360 илјади евра од буџетот на Република Македонија.

„Овој предмет беше преземен од страна на обвинителството во Битола кое веќе имаше нарачано економско вештачење за набавките во општина Битола. Талевски во договор со директорите на основните училишта и превозници и  нанеле вкупна штета во износ од 365 илјади евра за само две учебни години. Инволвирани се градоначалникот на општината и претседателот на комисијата за јавни набавки и сопственик на книговодствено биро кое ги водело книгите на некои од превозниците кои ги добиле тендерите, објасни Фетаи.

Осомничените се сомничат за злоупотреба на својата службена положба, а се работи за околу 80 незаконски дејствија поврзани со училишниот превоз.

Односно, СЈО започнало постапка против 22 лица поради злоупотреба на службена положба. Меѓу нив не е и градоначалникот Талески бидејќи, како што рече Фетаи, добил помилување од претседателот на државата. Сепак, амнестијата од претседателот не опфаќа „милост и за надокнадување на штетата која ја предизвикал Талески”. Против Талески се води истрага и за други криминални активности за кои претседателот се уште не го ослободил, рече Фетаи.

На прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство присуствуваат повеќе странски дипломатски претставници во земјава, меѓу кои и амбасадорите на Германија, Велика Британија и на Италија, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет и Ернесто Белели.