Нова лидерска за конечно решавање на политичката криза

0
202

Лидерите на најголемите политички партии во Македонија, како што најавија на претходната куса лидерска средба, во понеделник во Скопје ќе се сретнат на преговори за излез од политичката криза во земјава. На средбата нема да присуствува еврокомесарот Јоханес Хан.

„Се надевам на подобрување и на први конкретни резултати. Ако добро разбрав од извештаите, сите се решени да направат сериозен напредок и тоа е во интерес на сите нас“, изјави еврокомесарот Хан.

Премиерот Никола Груевски во вчерашниот говор пред Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ работеле во насока на пропаст на договорот од 2 јуни.

„Тој ќе направи сè да пропадне договорот и да нема предвремени избори. Не го интересираат него ниту измени на Изборниот законик, ниту странски мониторинг на изборите, ништо! Го интересира само што е тоа што ВМРО не може да го испорача на неговите барања и тоа јавно да го побара и потоа да му биде изговор за одложување на изборите – неодамна му понудив избори наесен, но тој одби“, рече Груевски.

Според премиерот политичката криза е резултат на валкана игра, а нејзината дефинитивна разрешница ќе биде со референдумско гласање против СДСМ.

„Ние ќе извлечеме поука од сето ова и ќе ги корегираме грешките – неодамна предложените препораки од ЕУ ќе ни помогнат во тој наш напор, но стратешка грешка ќе биде ако не се порази до патос оној што одработува за дадена задача и борејќи се без заслуга да дојде до власта, рушејки углед на РМ и со измама да се добере до власта – власт по секоја цена. Тоа нема да се дозволи, тоа е онаа криминогена група околу Заев“, рече Груевски.

Од друга страна, СДСМ го повтори ставот дека слободни, фер и демократски избори може да обезбеди само влада која ќе биде без Никола Груевски.

Лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, рече дека доколку на оваа лидерска средба не се најде некакво решение, тогаш нема потреба да се продолжуваат преговорите.

На разговорите, најавено е и присуство на американскиот амбасадор Џес Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав.

Досега се одржаа неколку лидерски средби во Скопје, на кои не беше постигнат ни договор за рамка на преговори, и неколку средби во Стразбур и Брисел.

Лидерите пред извесно време, со посредство на меѓународни претставници од Европа и САД го постигнаа договорот во шест точки од 2-ри јуни, на средбата во резиденцијата на ЕУ во Скопје, во присуство на еврокомесраот Јоханес Хан, каде беа договорени избори до април  2016 година, до кога треба да се прочисти Избирачкиот список, да се вметнат забелешките на ОБСЕ за измени на Изборниот законик, да се почитуваат малцинствата и друго.

Средбата потоа, на која требаше да се дефинираат следните чекори како да се имплементира договореното од 2 јуни, во Брисел, беше неуспешна, и не беше постигнат договор за ткн. преодна влада, затоа што опозицијата бараше премиерот Груевски да си замине веднаш од позицијата и да се формира влада со мандат да спроведе избори. Се шпекулираа и рокови, Груевски да замине од функцијата шест месеци порано, што наводно го барала опозицијата, а тој не се согласувал да замине порано од евентуално три месеца пред одржување избори./крај/мф/бб

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Макфакс.

 

Без коментари

LEAVE A REPLY