Нова победа на македонската У 21 селекција

0
377

Македонската репрезентација до 21 година ја победи Бугарија со 1:0 во пријателски натпревар одигран на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. Избраниците на Благоја Милевски заслужено се радуваа на нов триумф откако целосно доминираа на денешната пресметка. Фудбалерите кои ќе не претставуваат на ЕП во Полска создадоа многу шанси, искористивме една, промашивме и пенал, а притоа не му дозволивме на противникот ниту еднаш сериозно да се закани кон нашиот гол. Марјан Радески во 43. минута беше стрелец на голот за Македонија.

Првата прилика за отворање на резултатот нашата репрезентација го имаше во шестата минута кога Виктор Ангелов се обиде да го загрози голот на Бугарија, но неговиот удар го одбрани гостинскиот голман Крастев. Само две минути подоцна Марјан Радески пропушти одлична шанса за Македонија. Капитенот Бабунски одлично го пронајде Радески, но напаѓачот на Шкендија шутираше над голот во сто процентна шанса. Во 11. минута неуспешен обид имаше и Бабунски, а одново Радески во 16. минута не успеа да го совлада голманот на Бугарија. Пред крајот на полувремето, во 41. минута непрецизно шутираше и Бабунски, а доминацијата на нашата репрезентација конечно беше крунисана со водство од 1:0 во 43. минута кога Марјан Радески го совлада бугарскиот голман. Ѓорѓев прекрасно асистираше до Радески, а нашиот напаѓач овој пат не погреши и погоди за водство на Македонија. Бугарија во првото полувреме не успеа да упати удар кон голот на Алексовски.