Нова средба на партиските работни групи во Пржино

0
397

Во резиденцијата на ЕУ во Пржино почнува нова средба на работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино.

Амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли присуствуваат на средбата на партиите кои ќе се обидат да постигнат согласност за последното отворено прашање за ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада што треба да се формира пред предвремените парламентарни избори.

Присуството на Орав го потврдија од Делегацијата на ЕУ.

Неофицијалните информации по завршувањето на последната рунда разговори беа дека СДСМ инсистира министерот за внатрешни работи да ги има сите ингеренции што му приѓаат на првиот човек на полицијата, меѓу кои се и кадровски промени, промени во раководните структури и слично, додека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на ингеренции со поделени надлежности со заменскиот министер. Тогаш од СДСМ неофицијално изјавија дека по секоја цена инсистираат на вакво решение.

Што се однесува до другите прашања, партиите постигнаа согласност за 40.000 гласачи кои треба да се проверуваат прво теренски, а потоа самите да се пријават во Државната изборна комисија. Доколку не се пријават во одреден временски рок, ќе бидат избришани од списокот.

Во однос на предлогот за формирање ад-хок тело за оценување на работата на медиумите, наводно партиите би предлагале по еден член, а петтиот ќе треба да го избират четворицата членови, додека пак, главниот уредник на МТВ треба да биде на предлог на опозицијата.

Доколку партиите постигнат согласност за сите прашања, според неопфицијалните информации, не се предвидува лидерска средба, барем не во оваа фаза.

www.mkd.mk