Нова верзија за масакрот во Орландо, убиецот бил хомосексуалец

0
239

Додека САД и светот им одаваат почести на жртвите од масакрот во ноќниот геј клуб во Орландо, се појавија информациите дека 29-годишниот Американец од авганистанско потекло Омар Матин можеби бил хомосексуалец, со што се отвора нова верзија за можните мотиви за неговиот крвав поход и ја олеснува вината за пропустот на безбедносните структури.

Дневниот весник Orlando Sentinel објави изјави на неколку сведоци кои тврдат дека извршителот на најголемиот масакр во поновата историја во САД во кој се убиени 49 и ранети се 53 луѓе, почесто доаѓал во ноќниот клуб „Pulse“, каде што во неделата утрото го изведе нападот.

Таму, наводно, Омар Матин повеќепати го привлекувал вниманието со својата агресивноста, која била последица на прекумерно консумирање алкохол. Покрај тоа, редовен посетител на клубот изјавил за Los Angeles Times дека убиецот бил корисник на геј социјалната мрежа Jack’d. Колега на Матин од полициската академија, пак, за дневниот весник Palm Beach Post изјавил дека овој му се додворувал.

Овие искази може да ја доведат во прашање досега утврдената за исламско радикализирање на убиецот, која најчесто ја изнесуваа истражните органи. Тоа сигурно ќе ги отежне напорите за разбирање на психолошките причини кои овој млад човек со лиценци од агенција за обезбедување го натерале на таквиот чин.

Американскиот претседател Барак Обама, кој во четвртокот ќе отпатува за Орландо, изјави во понеделникот дека од досегашната истрага е видливо дека Матин „добивал поттикнувања од различни екстремистички извори за информирање на интернет“.

Меѓутоа, засега „нема јасни докази“ дека овој татко на семејство (сопругата се развела од него поради насилство – з.р.), „примал упатства однадвор“ или дека е „дел од поширока група којашто планира напади“, рече американскиот претседател.

Пред нападот порачал дека е лојален на групата Исламска држава, но уште нема докази дека постапувал по нивен налог“, истакна Обамa алудирајќи на потврдената информација дека во текот на нападот Омар Матин се јавил во службата за итни ситуации 911 изразувајќи му лојалност на челникот на џихадистите Абубакр ал-Багдади.

Исламската држава преку своите медиуми и социјалните мрежи уште во неделата ја презема одговорноста за нападот, а во понеделникот повторно се огласи со соопштение во кое Матин го нарече свој „боец“.

Американското Федерално биро за истраги (FBI) потврди дека во три наврати во 2013 и 2014 година го сослушувале Матин поради „можна поврзаност со терористи“, но истрагата била запрена. Матин, исто така, бил безбедносно проверуван и во септември 2007 година, која се вработил во агенцијата за обезбедување G4S која делува во 125 земји во светот.

Затоа, доколку се покаже претпоставката дека убиецот бил хомосексуалец, тоа може да го извлече FBI од непријатната ситуација во којашто се најде бидејќи го следеле радикализирањето на Омар Матин, а не го спречиле злосторството./крај/мф/сн