Нови 6.000 мигранти денеска ќе поминат низ Македонија

0
200

Според проценката на сите чинители вклучени во справувањето со бегалската криза присутни во прифатниот камп во Гевгелија во текот на вчерашниот ден низ нашава земја транзитирале околу 6.000 мигранти од прифатниот камп во Гевгелија до Табановце.

Од железничка станица информираа дека од платформата кај кампот вчера кон Табановце заминале пет специјални воза со околу 3.300 мигранти, а утрово пред околу половина час замина и првиот денешен воз кон Табановце со околу 600 мигранти.

Од железничка потврдија дека и денеска се подготвени да одговорат на барањата од кампот со уште специјални возови кои се подготвени и чекаат на повик.

Вчера голем дел од мигрантите се превезуваа со автобуси и такси возила кон Табановце, а тоа е случај и утрово. Околу 30-ина автобуси и такси возила ги чекаат мигрантите на мостот кај Сува Река и оттаму ги превезуваат кон северната граница. Голем дел од нив веќе заминаа на пат да превезуваат мигранти, а останатите овие моменти ги чекаат групите што пристигнуваат од кампот и тие во секој момент ќе се упатат кон Табановце.

Според напливот на мигранти во прифатниот камп, се очекува и денеска низ нашава земја да транзитираат околу 6.000 мигранти. Превозот е добро организиран и барем засега се одвива без потешкотии.