Нови експлозии и евакуација поради отрови во кинески Тијанџин

0
313

Неколку експлозии го потресоа денес местото на страшните експлозии и големиот пожар од средата ноќта во кинескиот пристанишен град Тијанџин, во кои досега животите ги загубија 85 луѓе, пренесуваат кинеските медиуми додека трае големата евакуација на локалното население поради истекувањето на опасни отровни материи.

Според весникот Жемин жибао, експлозиите со мала моќност се случиле околу 11.40 часот по локално време (6.10 часот по македонско време). Претходно беше објавено дека поради опасноста од ширење токсични материи власите започнале масовна евакуација, а на местото на несреќата се распоредени војници во облека за хемиска заштита кои трагаат по евентуално преживеани.

Кинеската државна телевизија CCTV јавува дека станува збор за седум помали експлозии, чија причина не е позната. Јави и дека уште има неколку помали пожари.

Вооружените полицајци започнале да го евакуираат локалното население откако на местото бил откриен натриум цијанид, неколку дена по големите експлозии во пристанишното складиште во кое се чувале лесно запалливи материи, а потоа избувна пожар кој пожарникарите три дена се обидуваат да го изгасат.