Новинари на Ал Џазира осудени на по три години затвор

0
180

Тројца новинари на телевизијата Ал Џазира, кои се обвинети за давање поддршка на организацијата Муслимански браќа, во сабота се осудени на по три години затвор пред судот во Каиро, и покрај повиците на активистите на организациите за заштита на човековите права, да бидат ослободени.

Осудени се Канаѓанецот Мохамед Фахми, кој бил шеф на канцеларијата на Ал Џазира во Каиро, австралискиот новинар Питер Грест и египетскиот продуцент Бахер Мохамед.

 

Новинарите беа приведени во декември 2013 година, додека работеле за телевизиската мрежа. Фахми и Мохамед биле присутни во судницата кога им била изречена пресудата, додека на Грест му се судело во отсуство, откако бил пуштен на слобода и депортиран на почетокот од годинава.

 

Грест од Сиднеј за Ал Џазира изјавил дека верува дека египетскиот апелационен суд ќе ја поништи пресудата. Генералниот директор на Ап Џазира на англиски јазик, Мустафа Суаг изјавил дека пресудата е надвор од логиката и здравиот разум.

 

„Целиот случај е тешко политизиран и не е спроведен на слободен и фер начин. Нема докази кои би докажале дека нашите колеги на било кој начин фабрикувале вести или помагале на терористички организации“, навел Суаг во соопштение.

 

Судијата Хасан Фарид, образложувајќи ја пресудата, навел дека им одредил затворска казна бидејќи не се регистрирале во египетското здружение на новинари.

 

Рекол дека во земјата внесле опрема без дозвола од официјалните безбедносни служби, како и дека емитувале лажни вести на Ал Џазира и користеле хотел за емитување на прилог без дозвола.

 

Тројцата новинари најпрвин беа осудени на по 10 години затвор, а потоа највисокиот египетски суд наложи повторно судење на основа на обвинението дека се членови на организацијата Муслимански браќа, која властите ја прогласија за терористичка организација, и дека емитувале фалсификувани снимки со намера да ја загрозат националната безбедност.

 

Судот во Каиро два пати го одлагаше изрекувањето на пресудата во повторениот судски процес. Грест е пуштен на слобода и депортиран во февруари, а Фами и Мохамед подоцна беа пуштени со кауција.

Фахми уште претходно изрази незадоволство за односот на телевизијата кон овој случај, па во Канада покрена тужба, барајќи од куќата 100 милиони долари. Тој тврди дека на Ал Џазира и била поважна приказната отколку безбедноста на вработените.

 

Ал Џазира, од друга страна смета дека Фахми би требало да бара компензација од Египет