Ново пресретнување на руски борбен авион на американски шпионски

0
289

Руското министерство за одбрана и Пентагон потврдија во средата дека над Црното Море дошло до ново опасно пресретнување од страна на руски борбен авион на американски шпионски авион, при што Москва тврди дека испратила авиони „Су-24“ да ги пресретнат американските авиони во близина руската граница, бидејќи и покрај договорот американските авиони ги исклучиле транспондерите, кои се неопходни за идентификување, додека Вашингтон тврди дека американскиот извидувачки авион бил во редовна патрола а бил пресретнат од руски борбен авион на „несигурен и непрофесионален начин“.

Двајца американски воени функционери кои сакале да останат неименувани за Reuters изјавиле дека двата авиона се разминале повеќепати, а еднаш несигурно.

„Таму горе се и по 12 часови и има многу средби. Но само еден од тие инциденти пилотот го оценил како несигурен“, изјавил функционерот прецизирајќи дека рускиот авион му се приближил на американскиот на само три метра.

Американските власти разговараат со пилотот и го проучуваат инцидентот за да го утврдат дали треба да биде споменат на годишниот состанок со руските функционери за сериозните инциденти од тој вид, додал.

Според друг американски функционер во инцидентот учествувале руски „Сухој Су-27“ и американскиот изведувачки авион „Poseidon P-8“.

Подоцна портпарол на Пентагон за руската агенција ТАСС потврдил дека според нивните информации „околу 11,20 часот утрото (не е наведено по кое време –з.р.) во средата руски Су-27 извршил опасно пресретнување на ’P-8 Poseidon’ на воздухопловните сили на американската морнарица кој извршувал рутински операции во меѓународниот воздушен простор над Црното Море“.

Според верзијата на Пентагон „за време на пресретнувањето кое траело 19 минути, Су-27 првично се држел на растојание во 30 фити (девет метри), а потоа пролетал поблиску и се наоѓал околу 10 фити (три метра) од P-8, што се смета за опасно и непрофесионално“.

Портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенов, коментирајќи ја информацијата за пресретнувањето на американскиот авион изјави дека „руските пилоти дејствувале во строга согласност со меѓународните правила за изведување воздушни полети“.

Според руската страна, разузнавачките авиони „P-8 Poseidon“ на воената морнарица на САД „двапати се обиделе да ѝ се приближат на државната граница на Русија над акваториумот на Црното Море без вклучени транспондери“. Руските „Су-27“ полетале од базата Белбек.

„Откако руските борбени авиони им се приближиле на извидувачките авиони за визуелна инспекција и идентификација на регистрарскиот број на крилата, американските авиони остро го сменија курсот и полетале во спротивна насока од руската граница“, се наведува во соопштението на руското министерство за одбрана.

„Руските пилоти постапиле строго применувајќи ги меѓународните прописи за летање“, се истакнува во изјавата на руската одбрана.

Од американското министерство за одбрана, исто така, објави дека екипажите на авионите и бродовите на САД и на Русија постојано комуницираат во Црното Море и „во повеќето случаи тоа е на безбеден и професионален начин“. „Сепак, ние семе сериозно загрижени кога се изведуваат небезбедни маневри. Овие активности може да доведат до непотребно зголемување на тензиите меѓу двете земји, како и до грешка или несреќен случај, на кој како резултат ќе дојде до сериозни повреди или смрт“, заклучуваат во Пентагон.

Годинава се регистрирани низа слични инциденти, од коишто повеќето беа над Балтичкото Море

Русија кон крајот на мај ги обвини САД дека нивен воен разузнавачки авион во текот на извидувањето во близина на руската граница на крајниот исток предизвикал опасност да се судри со патнички авион, бидејќи користел таква рута, поради што изразила протест пред американското воено аташе во Москва.

Москва и тогаш предупреди дека е неопходно да се преземат мерки за да се избегнат слични ситуации кога американски разузнавачки авиони летаат во близина на руските граници.

Руската страна предупредува дека станува збор за уште еден во низата слични инциденти со американските авиони во близина на руската граница. Така, се потсетува дека на 15-ти мај воен транспортно-разузнавачки авион од типот „RC-135V“ се приближил до брегот на руската балтичка енклава Калининград. Кон крајот на април во близина на брегот на Камчатка, на рускиот Далечен исток, руски борбен авион „МиГ-31“ пресретнал американски патролен авиони „P-8 Poseidon“, кој исто така летал со исклучен транспордер и неколкупати се обидел да се приближи кон руската граница.

САД, пак, последните месеци редовно ги обвинуваа руските воздушни сили за провокации со „опасни и непрофесионални“ приближувања до американските авиони и воени бродови, во некои случаи и на помалку од десет метри и предупредија дека таквото однесува може да доведе до „несакани инциденти“. Москва, пак, одговараше дека нејзините воздушни сили редовно одговараат според меѓународните прописи, и предупреди од своја страна дека американските воени апарати треба да се идентификуваат и дека не е пожелно „премногу да се приближуваат до руските граници“.

Таквите настани потсетуваат на Студената војна, кога низа таквите „блиски средби“ доведоа до потпишување на билатералниот договор од 1972 година со цел да се избегнат од опасните средби на море кои ги потпишаа тогашните американски министер за морнарици Џон Варнер и советскиот адмирал Сергеј Горшков./крај/мф/сн