Обама вели дека Трамп не е квалификуван за претседател, овој му возврати дека е најлошиот

0
327

Американски претседател Барак Обама го нападна републиканскиот кандидат за негов наследник во Белата куќа, Доналд Трамп, велејќи дека е „страшно неподготвен“ за американски претседател и ги повика републиканците да му ја ускратат поддршката, на што милијардерот одговори дека актуелниот бил најлошиот претседател во историјата на САД, а демократската кандидатка Хилари Клинтон ја обвини дека ја загрозила националната безбедност и оти бега од новинарите.

„Републиканскиот кандидат не е квалификуван за претседател“, порача Барак Обама од прес-конференцијата во Вашингтон по разговорите со премиерот на Сингапур во Белата куќа, пренесува AFP.

Обама додаде дека републиканскиот кандидат нема основни познавања на критичните прашања и оти „не ја познава ситуацијата во Европа, Азија и на Блискиот исто. А покрај тоа не може да ги контролира темпераментот и предрасудите, неопходни за таа должност.

„Го кажав тоа минатата седмица. Тој постојано тоа го потврдува“, изјави Обама потсетувајќи на контроверзните изјави на Доналд Трамп за родителите на американскиот офицер муслиман кој загинал во борба, кои беа повикани на демократската конвенција на којашто Хилари Клинтон минатата седмица беше потврдена за кандидатка на претседателските избори.

Актуелниот американски претседател кому мандатот му завршува во јануари идната година, исто така, рече дека не станува збор за политички несогласувања со Трамп и со Републиканската партија, туку за некомпетентноста на конкретниот републиканскиот кандидат и ги повика републиканците да престанат да го поддржуваат Трамп. „Порано или подоцна републиканците треба да кажат не можеме да го поддржиме овој човек како кандидат за претседател“, рече Обама повторувајќи го својот став од конвенцијата во Филаделфија кога рече дека Трамп отскокнува од редица „нормални“ кандидати за претседател од двете големи партии и оти позицијата на милијардерот н“не е многу републиканска и особено не е конзервативна“.

Доналд Трамп веднаш реагираше на Twitter на критиките од страна на Обама, велејќи дека тој станал најлошиот претседател досега. „Претседателот Обама ќе остане запаметен како, веројатно, најлошиот во историјата на Соединетите држави“, напиша њујоршкиот бизнисмен, пренесува агенцијата РИА.

Трамп вели и дека Обама ја докажал својата неспособност кога дозволил Хилари Клинтон да стане шефица на Стејт Департментот, од 2009 до 2013 година.

Трамп му возврати на Обама велејќи дека демократската кандидатка Хилари Клинтон, која актуелниот претседател ја поддржува а беше државна секретарка во неговиот прв мандат, ги прифатила политиките кои нанеле штета на безбедност на земјата и на американските работници, пренесува Reuters.

Нивната надворешна политика (на Обама и Клинтон) ја дестабилизирала меѓународната ситуација и придонела за невиден раст на моќта на терористичката џихадистичка организација Исламска држава, смета Трамп.

„Претседателот Обама е несоодветен лидер, тој заедно со државната секретарка Клинтон воспоставија курс во надворешната политика која го дестабилизираше светот и го направи многу небезбеден. Токму тој (Обама) е несоодветен за извршување на претседателската должност, а Хилари Клинтон е неговиот избор“, порачува Трамп во официјалната изјава.

„Хилари Клинтон докажа дека е несоодветна за работа во која и да е влада“, вели Трамп во писмената изјава дадена веднаш по критиките од Обама.

Републиканците одамна ги обвинуваат Обама и Клинтон за зголемување на тензиите на Блискиот исток, за подемот на Исламската држава, отстранување на пречките за Иран да дојде до атомско оружје како и за нападот од 11-ти септември 2012 година врз базата на CIA во либискиот град Бенгази, која имала статус на дипломатска мисија на САД, кога беа убиени четворица Американци, меѓу кои и амбасадорот во Триполи, Кристофер Стивенс.

„Обама и Клинтон лично го дестабилизираа Блискиот исток, ѝ ги предадоа на Исламската држава Ирак, Либија и Сирија, дозволувајќи масакр над нашиот персонал во Бенгази. Потоа го поставија Иран на патот кој води до нуклеарно оружје. А потоа дозволија десетици наши ветерани да изгинат во очекување на медицинска помош, која никогаш не дојде“, истакнува Трамп.

Републиканскиот кандидат, исто така, потсети на користењето на приватниот сервер и личната електронска адреса за официјалната дипломатска преписка на Хиалри Клинтон кога беше шефица на американската дипломатија, од кој се избришани околу 30.000 пораки кои се класифицирани како доверливи. Со тоа Клинтон „ја стави под закана целата земја“, а подоцна „постојано лажеше“ откако ги „уништила доказите за својот престап“, вели Трамп.

„Таа (Клинтон) не водела грижа за електронската пошта, со промената на режимите и за животите на Американците. Нашиот народ е понижен во странство, тој е загрозен од радикалниот ислам, кој дојде и до нашите брегови“, заклучува Трамп во писмената изјава.

Ги обвинува Обама и Трамп и за дозволувањето во САД да бидат примени имигранти, кои подоцна се покажале како терористи, за дислоцирањето на милиони работни места од САД во други земји „поради зачувување на приватните односи“,

Трамп во вторникот забележа и дека Клинтон не е спремна да излезе на прес-конференции. Во вторникот објави видео во кое се тврди дека Клинтон не разговарала со новинарите на споменатиот начин веќе 241 дена, односно околу осум месеци. „Од што се плаши?“, се поставува прашањето во видеото.

Порталот The Hill истовремено забележа дека Хилари Клинтон последен пат одржала прес-конференција на 4-ти декември 2015 година.

Од штабот на демократската претседателска кандидатка претходно изјавија дека Клинтон „одговара на прашањата на Американците, давајќи стотици интервјуа“, а прес-конференција ќе одржи „тогаш кога таа ќе сака“./крај/мф/сн