Обид за воен удар во Турција

0
1066

Дел од војската се обидува да изврши воен удар во Турција, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим, по извештаите дека воени хеликоптери и авиони ниско летаат над Анкара и Истанбул.

„Некои луѓе преземаат нелегални активности надвор од командниот синџир“, изјави Јилдирим за ТВ мрежата НТВ. „Владата избрана од народот останува на власт. Владата ќе го прави само она што го бара народот“.

Воен хеликоптер наводно отворил оган во делот од Анкара каде што се наоѓа штабот на турската Национална разузнавачка организација.

Според локалните медиуми, голем број амбулантни возила биле видени како се упатуваат кон зградата на турскиот Генералштаб во престолнината.

Според Јилдирим, турските безбедносни сили во моментов прават сѐ што треба за да ја решат ситуацијата.

Според извештаи на социјалните мрежи, властите ги затвориле двата моста преку Босфор во Истанбул, каде биле видени воени авиони во низок лет.