ОБСЕ/ОДИХР за првпат ќе ги „пребројува“ и гласовите

0
430

Предвремените парламентарни избори закажани за 24 април идната година ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи со 300 набљудувачи. Освен што ќе ги набљудува изборите, ОБСЕ/ОДИХР за првпат ќе ги „пребројува“ и гласовите.

Организацијата ова го објави во својот извештај, каде се наведени наодите од скенирањето на актуелната политичка состојба во земјата и процените за потребите на мисијата при следењето на изборите, спроведено во периодот меѓу 2 и 5 ноември.

Поради „тензичната и фрагилна политичка атмосфера во земјава“ и потребата од промовирање доверба во изборниот процес, заклучокот на ОБСЕ/ОДИХР, според извештајот, е дека е потребно проширување на набљудувачката мисија за изборите во 2016 година.

„Врз основа на наодите во овој извештај, ОБСЕ/ОДИХР препорачува проширување на набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година. Како дополнување на јадрото на тимот на аналитичари, ОБСЕ/ОДИХР ќе побара назначување на 24 набљудувачи кои на подолг рок ќе го следат изборниот процес низ целата земја, како и 300 набљудувачи кои ќе ја следат процедурата на денот на изборите“, стои извештајот на ОБСЕ/ОДИХР во делот „Заклучоци и препораки“.

За споредба, на последните избори од лани, ОБСЕ прати 20 долгорочни набљудувачи, а на денот на изборите нивниот вкупен број беше 206, без оние што ги испратија и другите меѓународни организации. Тоа е речиси 100 повеќе од лани.

Набљудувачите на ОБСЕ вниманието ќе го насочат кон спроведувањето на новите законски измени околу изборите, работата на изборната администрација, процедурите за ажурирање на избирачкиот список, изборната кампања, потенцијалниот притисок врз гласачите, злоупотребата на државните ресурси, медиумското покривање, придржувањето до финансиските правила на кампањата, ефективното процесуирање на жалбите и приговорите на денот на изборите, како и „пребројувањето на гласовите“, што за првпат се споменува како проблематично во Македонија.

Без коментари

LEAVE A REPLY