Обвинителството го истражува случајот со поткуп на гласачи во Битола

0
404

Во Основните јавни обвинителства во Република Македонија се постапува во шест кривично правни  настани, од кои еден во Основното јавно обвинителство Битола, два во Основното јавно обвинителство Кочани и три во Основното јавно обвинителство Скопје. Во нив обвинителството постапува поради утврдено постоење на основано сомнение дека се сторени кривични дела поврзани со изборниот процес. Во текот на овие предистражни постапки кои се водат во обвинителствата се преземаат дејствија за прибирање на вербални и материјални докази за комплетирање на предметите и донесување на јавно обвинителски одлуки за натамошно постапување. Делата за кои се водат постапките се однесуваат на Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик, Злоупотреба на избирачко право од член 161 од КЗ и Изборна измама од член 165 од Кривичниот законик.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделата рече дека приведени се три лица под основно сомнение за давање поткуп при гласање во Битола во близина на избирачкото место во ОУ „Ѓорги Сугаре“.

Министерот истакна дека по пријава на член од Избирачки одбор од Ресен на гласачкото место во ОУ „Мите Богоевски“ откриен е гласач кој дошол на гласање роден во Република Албанија, а со лична карта со адреса на живеење идентична на адресата на пријавителот, односно членот на ИО. Се работи на целосно расчистување на случајот.