Обвинителството побара на Заев повторно да му се одземе пасошот

0
517

Да му се одземе пасошот на лидерот на СДСМ Зоран Заев побара Јавното обвинителство, откако тој и денес не се појави во Скопскиот кривичен суд во во втор обид да започне судскиот процес „Пуч“ во кој е четвртообвинет.

Судијката Љубинка Башевска рече дека добила потврда оти Заев ја примил поканата, но ќе почека Кривичниот совет да одлучи по барањето на обвинителството и го одложи рочиштето.

Доколку Кривичниот суд го прифати предлогот на Јавното обвинителство, ќе му се поништи обврската на Заев, еднаш неделно да се јавува во струмичкиот суд и наместо тоа ќе му се оневозможи да излегува од државата.
На Заев и претходно му беше одземен пасошот за истиот случај, но му беше вратен откако се јави потребата да патува на преговори со власта во Брисел.
Во предметот „Пуч“ обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња и двајца вработени во општина Струмица.
Сите се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Следното рочиште е закажано за 5 октомври.