Од 1 јуни годинава нема да биде дозволено увоз на возила со стандардот ЕУРО 3

0
1330

 

Се ближи рокот кога ќе биде забрането увоз на стари возила со еколошки стандарди еуро 3, кој ќе биде дозволен само со еуро 4 и над овој стандард. Нивниот увоз годинава е двојно зголемен во однос на лани.

Според владината одлука од 1 јуни годинава во Македонија нема да биде дозволено внесување на возила со стандардот еуро 3, тоа значи дека веќе нема да можат од странство да се набавуваат коли постари од 2004 година.

Зголемување има и кај увозот на товарни употребувани возила, увозниците на употребувани возила велат дека овој значаен пораст на внесувањето половни автомобили во првите месеци се должи токму на заострувањето на еколошките критериуми, кое ќе важи од почетокот на јуни оваа година.

Од 1 јуни во земјава ќе биде возможен увоз само на возила со датум на производство од 2004 година, па нагоре.

Инаку, старите возила се сметаат како еден од главните причинители за загаденоста на воздухот, која во земјава е особено изразена во зимските месеци од годинава.

Импортерите на нови возила, кога беа најавени овие мерки на заострување на еколошките критериуми, изјавија дека мерката е добра, но многу задоцнета, бидејќи, како што рекоа, „земјава веќе се наполнила со огромни количини на употребувани возила“.

А пак во соседна Бугарија  екотаксата за автомобили постари од 5 години ќе се зголеми.

Владата усвои нова уредба за определување на редот и големината за плаќање на оваа такса. Идејата е да се охрабруваат луѓето да користат еколошки возила. Со промените таксата за автомобили, кои се над 5-годишни, се зголемува за 3%. Така човек кој вози автомобил постар од 10 години, ќе плаќа 275 лева.

Годишно во Бугарија се увезуваат над 200.000 возила, од кои повеќето се стари над 5 години.

Според официјалните податоци во земјата има регистрирани 3, 9 милиони автомобили, а нивната просечна старост е 16 години.