Од БиХ во редовите на IS се борат 130 лица, 45 загинале

0
344

На страна на екстремната сунитска група Исламска држава (IS) во моментов се борат 130 државјани на Босна и Херцеговина, изјави во вторникот државниот министер за безбедност Драган Мектиќ предупредувајќи во разговор со делегацијата на Парламентарното собрание на НАТО дека главниот проблем за неговата земја се тероризмот, радикализмот и насилниот екстремизам.

„Во моментов на подрачјата на Сирија и на Ирак, на страната на Исламската држава војуваат 130 државјани на Босна и Херцеговина. Околу 45 загинале на страната на Исламската држава, а околу 50 наши државјани се вратиле во БиХ од странските боишта“, изјавил министерот за безбедност Драган Мектиќ.

Навел дека на подрачјето на БиХ постојат повеќе радикални заедници од кои се врбуваат поединци за терористички акти и учествување на боиштата во Ирак и во Сирија на страната на Исламската држава, поради што државата презема дополнителни мерки за да ги спречи таквите појави.

„Досега подигнавме дваесетина обвиненија за овие кривични дела, а изречени се две пресуди“, според Мектиќ.

Додал дека државните институции не толерираат случаи на тероризам и радикализам, и истакнал дека за сите лица кои од подрачјето на БиХ војуваат на странските боишта се распишани потерници.

Во разговорот со делегацијата на НАТО, Мектиќ како голем проблем поврзан со делата од тероризам го оценил постоењето многу заостанато оружје и најавил воспоставување мрежа од регионални обвинителско-истражни тимови, бидејќи криумчарите со оружје дејствуваат на териториите на повеќе земји./крај/мф/сн