Од утре двосменско работење во повеќе институции и во градинките.

0
464

Од утре почнува да се применува одлуката за распоред на работното време во органите на управата. Двосменското работење треба да се применува во службите на органите на државната управа што имаат непосреден контакт со странки при издавање на лични документи, дозволи и слична документација, информираат од Министерството за информатичко општество и администрација. Ова значи дека од утре шалтерите во МВР за издавање лични карти и пасоши, Царинската управа, Управата за јавни приходи,  Управата за водење матични книги, во одделенијата за одбрана на региони со градови и општини во Министерството за одбрана ќе работат од 7,30 до 21,30 часот. Овие шалтери ќе работат и секоја прва сабота во месецот од 8 до 16 часот.


Од утре, втора смена се воведува и во градинките, кои ќе згрижуваат деца до 21 часот и 30 минути, а исто така, работна ќе биде и секоја прва сабота.


Промена на работното време ќе има и во судовите. Судовите во Македонија од 4 септември, понеделник, ќе работат од 7.30 до 15.30 часот, наместо како што беше досега од 8.30 до 16.30 часот.
Одлуката за новото работно време на судовите ја донесе Судскиот совет на РМ на седницата одржана вчера, согласно законските надлежности од Законот за Судскиот совет на Република Македонија и Судскиот деловник.

Без коментари