Од вторник се очекува да продолжи исплатата на субвенциите

0
2771

Во вторник идната недела се очекува да продолжи исплатата на субвенциите од 2016 година. Сите пречки за реализација на преостанатите 25 милиони евра за 24.000 апликанти се надминати, освен прашањето со АД Водостопанство, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Според него, се работи со надчовечки напори за да им се излезе во пресрет на земјоделците, а субвенциите најпрво ќе ги добијат тутунарите. Деноноќно се внесуваат податоците на должниците кон АД Водостопанство во подружниците што е единствениот останат услов за да продолжи исплатата.

– Со министерот за финансии направивме надчовечки напори за средствата да бидат обезбедени. Блокадата од АД Водостопанство трае, но се надевам дека до вторник наутро ќе биде разрешена зашто правам силен притисок во интерес на земјоделците. Тие треба да ја знаат вистината. Со директорот на претпријатието договоривме да овластиме луѓе кои деноноќно ќе работат за да ги внесат податоците во подружниците за должниците, истакна Николовски.

Во однос на УЈП, додаде, пречката е отстранета. Земјоделците иако имаат неплатени даноци, ќе можат да добиваат субвенции. Надминат е и проблемот со Платежната агенција, односно со обработката на софтверските решенија зашто беше истечен договорот.

– Подготвени сме да извршиме исплата на субвенциите во истиот момент кога ќе бидат изготвени решенијата во Платежната агенција. Се надевам дека во вотрник, во текот на денот, целата постапка ќе биде завршена и ќе биде одблокиран процесот на исплата на субвенциите, а тутунарите првенствено ќе ги добијат средствата, подвлече министерот.

Николовски информира дека е пролонгиран рокот на огласот за апликација за ИПАРД средствата и наместо до денеска, ќе трае до 21 јули годинава по барање на земјоделците и компаниите. – Целта е да се изготват поквалитетни проекти за искористување на европскиот фонд за поконкурентно земјоделство, посочи министерот.

Потврди и дека синоќа Владата ја усвои Одлуката за  дополнителна поддршка на овоштарите.

– Со оваа Одлука ќе се реши проблемот со праските, но не смее да се дозволи во иднина да има вакви ситуации, особено ако се од субјективен карактер. Не смее еден дефект на цевка да се поправа 30 дена и поради тоа да не се дистрибуира вода до насадите. Тоа е недозволиво и е целосна непрофесионалност на АД Водостопанство и ќе мора да се понесе одговорност, напомена  министерот за земјоделство Николовски.