Одбележани 73 години од формирањето на Егејската бригада

0
1377

Денеска во Битола беше одбележана 73 годишнината од формирањето на Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија. По тој повод, пред спомен плочата на чешмата кај Пртивпожарната единица, свежо цвеќе положија и се поклонија претставници од Сојузот на борците, градоначалничката Наташа Петровска, претстaвници од Советот на општина Битола, од  здруженија на Македонците од Егејска Македонија и др.

„Овде сме да укажеме почит и слава за формирањето на Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, да ги задржиме во нашите спомени и да останеме будни во сегашноста“ рече Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

„Знамето на бригадата го прими командантот Илја Димовски Гоче, а токму кај што е ова чешма, бригадата продефилира во присуство на тогашното највисоко градско раководство и гости од Скопје, од централното македонско раководство. Бригатата потоа во касарната имаше кратка обука, по што веднаш беше упатена за чистење на теренот на Острец и Кишава од балистички банди, а после Нова Година била упатена во Западна Македонија, за борба против балистите. Инаку, плочата на чешмата е поставена во 1984 година, кога имаше голема манифестација, а ја отвори еден од командантите на бригадата, Наум Пејов, кој се уште беше жив“ рече д-р Александар Литовски, историчар.

На 2 април 1945 г. Бригадата била расформирана, а нејзиниот боречки состав распореден во други единици. Нешто подоцна, најголемиот дел од борците на Бригадата се вратиле во Егејскиот дел на Македонија и ги создале првите одреди на Народноослободителниот фронт (НОФ), а подоцна станале борци во единиците на Демократската армија на Грција, каде повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за национални и социјални права и слободи.