Одбележување на Меѓународниот ден на трудот

0
457

Во Македонија денеска се одбележува Меѓународниот ден на трудот што традиционално во светот се прославува во чест и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права. Синдикалните организации најавуваат низа активности. Од Сојузот на синдикатите на Македонија најавија дека денешниот ден ќе го прослават работно, со продолжување на разговорите за зголемување на минималната плата во земјава. Протестен марш најавија потписниците на Повелбата за солидарност. Тие, со тоа сакаат да испратат порака до надлежните да работат во интерес на работниците и да се борат за единство подобар стандард и поголеми права.

1 мај се слави во чест на големите работнички демонстрации кои се одржаа во Чикаго (САД) во 1886 година. Демонстрациите беа организирани во знак на протест поради неисполнување на барањата на работниците за подобрување на условите за работа. Први Мај е исто така и денот на светската работничка солидарност. Многу лошите услови за работа, работното време од 10, 12 или повеќе часа на ден, работата во сабота, а делумно и во недела, ниските плати, никакво осигурување – ова се само некои од причините заради кои работниците низ целиот свет се принудени да почнат да се борат за своите права и да се спротивстават на капиталистичкото угнетување.

На првиот ден од мај се оддава почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. Тогаш, четириесет илјади работници на Чикаго излегоа на улиците, со единствена цел да издејствуваат воведување на осумчасовен ден. Полицијата која внимателно го следела штрајкот, во првите два дена не употребила сила. Меѓутоа, на 3 мај кога дошло до судир помеѓу работниците на синдикатот кои штрајкуваа и оние кои биле вработени наместо нив, се вмешала многубројната полиција со палки и огнено оружје за да воспостави ред при што се убиени 4 лица и повредени  многу членови на синдикатот.

Групата предводена од Август Спајс и Алберт Парсонс како одговор на ваквиот однос на полицијата побарале сами да се вооружаат. Последниот ден, на 4 мај, штрајкот бил продолжен од 3000 членови на синдикатот. Но тогаш непознати лице фрлило бомба, при што биле убиени 7, а ранети 67 полицајци.

Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.

Денеска, во 66 земји во светот официјално се одбележува Денот на трудот, но во земјата каде се почна, САД, Денот на трудот се одбележува во првиот понеделник од септември, кога ги слават социјалните и економските достигнувања на американските работници, а прв пат бил одбележан на 5 септември 1882 година.