Одбраната на Талески обвинува дека против него се води политичка хајка

0
790

Случајот „Транспортер“, што го отвори јавото обвинителство, против градоначалникот на Битола, Владимир Талески, е политички реваншизам со кој градоначалникот треба да се тргне од функцијата, рече адвокатот на Талески, Никола Додовски.

Во Апелациониот суд,  се одржа јавна седница, на која се расправаше за жалбата што ја поднесе одбраната, за куќниот притвор на Талески.

Во своето образложение, адвокатот Додовски побара да биде укинато решението, односно да биде укинат притворот и упати забелешка до Специјалното јавно обвинителство, бидејќи не им ги дало доказите, ниту на одбраната, ниту на судијата на претходна постапка.

Тој до  судот приложи написи од новинарите за тоа дека по распитот на Талески, СЈО доставило шест кутии со докази до судот.

„Нема еднаквост меѓу одбраната и обвинителството, докази треба да бидат дадени на увид, но доказите не се доставени“’, рече Додовски.

Според него, обвинителството не го почитувало правото на одбрана како и презумпцијата на невиност, водело јавна хајка против градоначалникот и на прес-конференциите искажувал осудителна пресуда за осомничените.

Обвинителот од СЈО, Трајче Пеливанов, рече дека ниту одбраната, ниту судијата за време на распитот на Талески не ги побарале на увид доказите и тие ги доставиле по распитот, бидејќи така побарал судијата на претходна постапка.

Тој рече дека ќе им бидат доставени доказите по распитот на осомничениот во фаза на постапката кога  се бара тоа.

„Апсолутно објективно и професионално е постапувањето на СЈО и без оглед на функцијата што ја врши осомничениот нема ниту посебен, ниту привилегиран пристап кон него“, рече Пеливанов.