Одговорноста при носењето на судските одлуки е индивидуална

0
483

Зоран Караџовски е избран за нов претседател на Судскиот совет. По вчерашниот неуспешен обид за негов избор, Советот утрово едногласно одлучи со 12 гласа ЗА. Караџовски е член на Судскиот совет од 2014-та, од редот на судии во битолска апелација. На местот на досегашниот претседател Бранко Ушковски, Караџовки застана со ветување дека функцијата ќе ја извршува чесно и според закон, а негов предизвик ќе бидат започнатите реформи во судството.

Неговиот пристап при разгледувањето на работата на судиите, како што вели, отсекогаш бил да се оценува индивидуалното постапување на секој судија. Одговорноста при носењето одлуки од страна на судиите е на секој индивидуално, како за судиите така и за новинарите и во сите професии. Не постои колективна одговорност, потенцира Караџовски.

„Мојата забелешка, на многу коментари дека ништо не чини, отсекогаш била дека одговорноста треба да биде посочена конкретно, со име и презиме и сметам дека генерално судството и судските одлуки се во ред. Постапката за одлучување се знае каква е и Судскиот совет не е орган кој го цени квалитетот на судските одлуки“, вели Караџовски.

Тој не сакаше да ги коментира одлуките на основниот суд Скопје 1 кои се однесуваат на предлозите на Специјалното јавно обвинителство за определување на мерка притвор во случаите за кои тоа поведе истрага.