Одлично претставување на Битолскиот театар во Русија

0
313

На 24-ти, во музејот на Достоевски во рускиот град Санкт Петербург,

битолскиот народен театар гостуваше со претставата Последната ноќ.

Оваа претстава е од полскиот драматург Ингмар Вилквист, а во режија на Андреј Цветановски.

Претставата беше дочекана со овации од руската публика .

Психолошката драма е всушност една фамилијарна приказна за тоа како случувањата во надворешниот свет влијаат врз едно семејство.

На сцената подготвена од Сергеј Светозарев во ликовите на Карла и Хелвер, настапуваат актерите Соња Михајлова и Марјан Ѓоргиевски.

Станува збор за едно поинакво семејство со едно посебно дете и метафората на овој текст е дека секогаш постојат такви семејства малку поинакви од другите, поразлични од обичните и се наоѓаат на маргините на животот.

За костимите се погрижи Марта Дојчинова а Димитар Андоновски беше задолжен за музиката.

Последната ноќ, е обид да се долови како едно семејство може да биде жртва на случувањата во нивниот надворешен свет, како стегите на тој свет го растураат и понижуваат просечното семејство.

Ова е претстава во која приказната зборува за поинакво семејство, понижувано семејство, кое успева до таа ноќ да го одржи својот мал, но значаен свет .

Цветановски истакна дека оваа претстава му е прва од ваков вид, во која неговиот начин на работа се потпира претежно врз актерската игра.

Пред заминувањето за Русија, уметничкиот директор Благој Мицевски, посочи дека со поддршка на Министерството за култура, битолските актери освен во Русија ќе гостуваат во САД и Израел.

-Покана да гостуваме со оваа претстава имаме и за Пловдив, Бугарија. Покана за гостување имаме и од Израел каде ќе ја одиграме претставата „Отело“, а во САД, односно во Санта Барбара ќе настапиме со претставата „Антониј и Клеопатра“. Со тамошниот театар „Литмун“ ќе ги подготвуваме и познатите „Сонети“ од Шекспир, истакна Мицевски.

 

Битолскиот театар во меѓувреме ја подготвува претставата

Кралски игри“ од Григориј Горин во режија на Љупчо Ѓоргиевски.