Одложено денешното рочиште за „Диво Насеље“

0
472

Денешното рочиште за судскиот процес „Диво насеље“  е одложено за 19 мај, а причина за одложувањето е судската сала, бидејќи требаше да бидат донесени новообвинети кои беа дел од друг предмет.

Обвинителството реши да ги спои во еден предмет, а се работи за група жители на населбата, кои се обвинети за помагање на обвинетите за тероризам, објави Телма.

Бидејќи се спојуваат два предмета, судскиот процес и покрај тоа што е стигнат до половина мора да почне од почеток.

Тоа значи дека новообвинетите, но и претходно обвинетите ќе се изјаснуваат за вина и сите сведоци сослушани досега ќе треба да бидат повторно повикани.

Судот сега се соочува со проблем, бидејќи во случајов во судницата ќе треба за влезат минимум уште 20 луѓе обвинети и адвокатите, а тоа просторот не го дозволува.

Затоа од Судот било побарано да се користи салата на Врховниот суд од каде што стигнал одговор Кривичниот суд сам да се снајде за сала.

Претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова упатила писмо до Кривичниот суд дека доколку „Диво насеље“ се суди кај нив тоа ќе ги вознемири нивните странки и вработените, а салата е наменета за свечености, а не за судење.

Оваа сала за „Диво насеље“ се користеше на почетокот два-три пати, за потоа на сред судење Врховниот суд да не дозволи судење, со образложение дека наводно салата се реновира.