Одложено гласањето во ЕП за Трансатланскиот трговски договор

0
144

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, во вторникот го одложи гласањето за препораките на Европската комисија (ЕК) за преговорите околу слободната трговија меѓу Европската унија (ЕУ) и САД, откако социјалистичките пратеници побарале во текстот да не се споменува механизмот за решавањето на споровите меѓу приватните инвеститори и државите, пренесуваат светските агенции.

Расправата за текстот на резолуцијата ќе се одржи во среда претпладне, како што тоа и беше предвидено, но гласањето кое требаше потоа да следи е одложено. Шулц ја искористил можноста која му ја овозможува правилникот, а со која се предвидува дека гласањето може да се одложи во случај кога има премногу амандмани на некој текст.

Сега Комисијата за меѓународна трговија треба да ги разгледа 116-те амандмани кои се поднесени и да предложи кои од нив можат да бидат ставен на гласање на пленарната седница. Следниот состанок на Комисијата за меѓународна трговија треба да се одржи на 15-ти и 16-ти јуни во Брисел.

Кон крајот на мај, главните политички групи во Европарламентот постигнаа компромис и на Комисијата за меѓународна трговија го изгласаа предлогот на препораки кои Комисјата требаше да ги следи во преговорите со Американците.

Во името на 28-те земји членки преговара Европската комисија, која за ова го известува Европскиот парламент, кој, пак, заедно со земјите членки одлучува за конечниот текст на договорот. Меѓутоа, социјалистите дополнително поднесоа амандман во кој бараат од Трансатлантскиот трговски договор, попознат како ТТИП, да се отфрли механизмот за решавањето на споровите меѓу инвеститорите и државите.

Механизмот за решавањето на споровите, познат како ИСДС, според мислењето на многумина, би им овозможил на големите корпорации да ги заобиколат судовите на државите членки во случаите кога поднесуваат тужби поради тоа што сметаат дека им се загрозени инвестициите. Социјалистите со ова сега ја условуваат својата поддршка за резолуцијата.

Европската народна партија (ЕПП) се согласува со барањата кои бараат реформи на овој механизам, не го поддржуваат барањето за укинување на механизмот. Сите политички групи во Европскиот парламент начелно го поддржуваат потпишувањето на договорот на САД, но отпорот кон овој механизам е сé поголем, бидејќи тој им да дава на некои полуприватни арбитражни судови поголема моќ отколку онаа на државите членки.

Еден од познатите случаи во врска со овој механизам е тужбата на американскиот тутунски гигант „Филип Морис“ против Австралија, која во рамките на борбата против пушењето воведе еднообразно пакување на сите цигари.

Еврокомесарот за трговија, Сесилија Малстром, пак, предложи воспоставување траен меѓународен суд, кој би ги заменил билатералните арбитражни судови./крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax