Одложено издавањето на еврообврзницата

0
710

Македонија го одложи издавањето на седумгодишната еврообврзница откако член на опозициската СДСМ денеска преку писмо ја оспорил легалноста на постапката, јави Ројтерс

Во писмото било наведено дека земјава нема соодветен правен механизам за издавање на еврообврзницата и доколку се издаде, можно е да прекрши одредени закони и правила во Македонија.

Од СДСМ соопштуваат дека денеска, агентите го одложиле издавањето на еврообврзницата во вредност до 650 милиони евра, но истата не е целосно откажана.

„Во последниот период, СДСМ предупредуваше дека доколку се случи издавањето на еврообврзницата на овој начин, истото ќе прекршува неколку закони на Република Македонија. Одложувањето е потврда дека сите аргументи и апели за ова финансиското злостроство по налог на Никола Груевски од 650 милиони евра е незаконско и на штета на граѓаните, економијата и идните генерации се успешни.Сите инволвирани страни во процесот на издавањето на еврообврзницата, се обврзани да дејствуваат во рамки на важечката правна регулатива“, се вели во соопштението.

Snap 2016-07-14 at 23.38.18

Министерот за финансии, Кирил Миноски, неодамна во интервју за МИА рече дека на еврообврзницата може да се гледа како на банкарска гаранција во Народна банка која ќе обезбеди сигурност доколку политичката криза се пролонгира.

„Со внесот на свеж капитал во земјата, освен гаранција за макроекономска стабилност, ќе се придонесе и за придвижување на економијата која е под влијание на политичката криза. Влезот на странски капитал ќе придонесе за намалување на задолжувањето на домашен пазар, што ќе ја зголеми сумата за кредитирање и ќе поттикне инвестиции кај домашните фирми. Од друга страна ќе влијае и на зголемување на приватната потрошувачка. Сето тоа ќе резултира со раздвижување на економската активност и поголем економски раст“, истакнува министерот за финансии Кирил Миноски во интервју за МИА.

Премиерот Емил Димитриев, пак, денеска рече дека новото задолжување со еврообврзница не е нешто што исклучиво се случува во Република Македонија, ниту за прв пат. Смета е нормален механизам во одредена ситуација кога и се потребни средства на државата за својата економска ликвидност.

„Ние имавме обид за подигнување на еврообврзница, меѓутоа знаете дека беше блокирана, бидејќи тој обид беше во ситуација кога имавме мешана влада. Сметам ова што го правиме во моментов е апсолутно во прилог да имаме економска ликвидност, навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери итн“, рече денеска Димитриев.