Oдржани билатерални одбранбени консултации меѓу Македонија и САД

0
317

Интеграција во НАТО, реформски процеси во одбраната, билатерална соработка и ангажман во мировни операции предводени од НАТО и Обединетите Нации, беа темите на кои во Пентагон разговараа делегации од Министерството за одбрана и од американскиот Департман за одбрана, предводени од министерот Зоран Јолевски и Евелин Фаркаш, заменик-помошник на Секретарот за одбрана за Русија, Украина и Евроазија.

Министерот Јолевски на средбата посочи дека стратегиски приоритет на Македонија е полноправното членство во Алијансата. Тоа, рече министерот е поддржано од македонското собрание, политичките партии, но и најважно граѓаните на Македонија.
Во контекст на реформските зафати и идните чекори, министерот Јолевски посочи дека станува збор за процес кој тече во континуитет. „Дел од тој процес е и процесот на модернизација на Армијата, која е планирано да се одвива согласно НАТО стандардите“, рече министерот Јолевски на одбранбените консултации.

Како една од можните идни насоки на развој на соработката, споменато беше и трилатералното партнерство со Националната Гарда на Вермонт и Сенегал. Во тој контекст, министерот Јолевски посочи дека Македонија ја разгледува можноста за идно учество во мировни операции на Обединетите Нации, особено со земји партнери како САД и Италија.

Заменик-помошникот на секретарот за одбрана, Фаркаш уште еднаш ја потврди недвосмислената поддршка за Македонија кон достигнувањето на нејзината цел – членство во НАТО.

„Горда сум на нашето партнерство. Македонија нè поддржа уште од самите почетоци на мисијата ИСАФ, во моментов е дел од Одлучна поддршка, а беше дел и од мисијата Слобода за Ирак. Тоа ние многу го цениме“, рече Фаркаш за време на консултациите.

Министерот Јолевски се сретна и со главниот заменик потсекретар за одбрана, Брајан МекКијан, при што беа разменети мислења за геополитичката состојба и нејзиното влијание врз безбедноста на регионот, Европа и светот.

„Влезот на Македонија и на Црна Гора во НАТО во голема мера ќе влијае врз зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на регионално ниво“, додаде министерот.

Потсекретарот МекКијан рече дека САД го цени учеството на припадниците на АРМ во Авганистан, каде дел од македонскиот контингент е на задача за обезбедување на главниот штаб на командата во Кабул.

Министерот Јолевски оствари средба и со сенаторот Бил Нелсон, при што зборуваа за меѓусебните билатерални односи, начините и модалитетите за нејзино унапредување во иднина. Воедно, министерот укажа и на аргументите зашто Македонија заслужува да биде дел од НАТО-алијансата./крај/со/бб