Одржлив развој се постигнува со заеднички сили

0
312

Целите за одржлив развој треба да се постигнат со здружени сили во партнерство на глобално, регионално, национално и локално ниво, порача премиерот Никола Груевски во неделата навечер во Њујорк, во обраќањето на самитот на Обединетите нации за одржлив развој.

 

Македонскиот премиер ја поздрави и поддржа универзалната агенда за намалување на сиромаштијата и подобрување на благосостојбата на граѓаните, преточена во документот Трансформирање на нашиот свет: Агенда за одржлив развој 2030.

Груевски, исто така, ја истакна регионалната посветеност на земјите од Централна и Источна Европа за придонес во реализација на целите за одржливиот развој.

„Централноевропската иницијатива со која претседава Македонија сака да биде активно вклучена во спроведувањето на пост 2015-та развојната агенда, а земјите-членки ја искажуваат својата подготвеност за конкретен регионален придонес, за преносот на знаења и размена на најдобрите практики во различни иницијативи за одржлив развој, градење капацитети на јавните институции и подигнувањето на свеста“, рече Груевски.

Истакна рече дека Македонија активно придонесува кон заедничките цели, и дека по Конференцијата за одржлив развој во Рио де Женеиро се интегрираат принципите за одржлив развој во нашите национални политики.

„Основавме Национален совет и ја усвоивме Националната стратегија за одржлив развој. Во јули подготвивме преглед за напредокот во спроведувањето на Стратегијата што беше претставена пред Одделот за економски и социјални работи и Одделот за одржлив развој на ОН. Следен чекор е да се вклучат целите за одржлив развој во нашите стратегиски документи, вклучително и Акцискиот план за одржлив развој. Очекуваме да добиеме поддршка преку новата УНДАФ – Рамка за развој на помош при ОН 2016-2020, што се подготвува во консултации со сите релевантни страни“, додаде премиерот Груевски.

Ја потенцираше активната партиципација на нашата земја во остварувањето на одржливиот развој, и работата на столбовите на одржливиот развој, кои значат комплементарни активности за поддршка на социјално ранливите групи и поттикнувањето на вработувањата.

„За социјално ранливите ги зголемивме социјалните трансфери за над 50 отсто, воведени се и зголемени финансиски надоместоци за ранливи категории, а посебно за децата без родителска грижа, а работодавците ги ослободивме од плаќање на давачки за плата за нивно вработување во период од 5 или повеќе години. Преку странските инвестиции и поддршката на приватниот сектор невработеноста во нашата земја е намалена за над 11 отсто. За вработување на млади лица до 35 годишна возраст, државата ги плаќа придонесите за социјално осигурување и персоналниот данок“, рече Груевски./крај/мф/бб