Официјален трејлер за филмот Ослободување на Скопје

0
613

Новиот македонски филм „Ослободување на Скопје“, во режија на таткото и синот Раде и Данило Шербеџија, ја имаше светската премиера во Пула, во рамките на 53-от Пулски филмски фестивал. Деновиве беше пуштен и трејлерот за филмот – големата и сензационална драма на Душан Јовановиќ, по која се направени неколку театарски претстави во Белград, Загреб, Скопје, Сараево и во Љубљана, а која ја виде и публиката низ светот кога ја работеше Љубиша Ристиќ, а Раде Шербеџија играше во неа.

Главниот лик во оваа приказна е Зоран, осумгодишно момче, и низ неговите очи се прикажуваат суровите сцени на војната, сликите на сиромаштијата и страдањата за време на окупираното Скопје.

– Љубовта што е опишана во филмот е многу загадочна. Намерно не сакав да развијам вистинска љубовна мелодрамска приказна, бидејќи не мора сѐ да се објасни докрај и мислам дека така е поинтересно-истакна Раде Шербеџија.

Неговиот син Данило, пак, за хрватските медиуми, изјави дека за него Македонија е фасцинантна земја и поради живописните бои многу инспиративна за снимање. Со оглед дека Скопје значајно се изменило во годините, во филмот Битола послужи како Скопје.
Овој проект е македонско-хрватско-финска копродукција. Поддржан и од европскиот филмски фонд за копродукции Еуроимаж.

Главната улога во филмот ја игра 11-годишниот Давид Тодоровски, кој дебитира во овој филм, а покрај него настапуваат актерите: Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула и Аксел Мехмед. Сценариото е на Душан Јовановиќ и на Раде Шербеџија, а во една фаза на филмот на него работел и Живоин Павловиќ. Режисерот и косценарист Шербеџија играше и во праизведбата на текстот за истоимената драмска претстава во Загреб во 1970-тите години. Директор на фотографија е Дејан Димески, а Влатко Стефановски е автор на музиката за филмот. Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола. Филмот е сниман во Велес, Битола и во Скопје.

Македонската публика, пак, ќе има можност да го види филмот во септември на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.