ОЈО отвори предмет против 13 вработени во Агенцијата за катастар

0
412

Основното јавно обвинителство Скопје отворило предмет против 13  вработени во Агенцијата за катастар.

Тие се товрат за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Осомничените во периодот 1 јануари 2013 до 16 март годинава на странките им наплаќале административна такса во готово, а парите потоа ги земале за себе.

„При приемот на пријавите – барањата од странки, наплатата на надоместокот (административната такса) ја вршеле со парични средства во готово, при што ги убедувале странките дека им помагаат со тоа што надоместок тие лично ќе го платат преку нивните лични платежни картички. Осомничените веднаш по направеното плаќање со платежните картички преку постерминалите, вршеле сторнирање на направените трансакции, а кон барањата од странките ја приложувале веќе испечатената потврдата за извршено плаќање, како доказ дека административната такса е наплатена и предметот го пуштале во понатамошна процедура. Добиените парични средства во готово ги присвојувале за себе и притоа стекнале противправна имотна корист во износ од 1.883.433 денари“- стои во соопштението на Обвинителството.

На ваков начин се стекнале со противправна имотна корист од околу 1,9 милиони денари, односно околу 30.000 евра.

Јавниот обвинител, кој го води случајот, до судија на претходна постапка доставил предлог на осомничените да им бидат одредени мерки на претпазливост, односно одземање на пасошите, забрана за напуштање на живеалиште и повремено јавување пред надлежен орган.