Околу 225 бегалци ќе презимат во Македонија?

0
272

Мал број бегалци, околу 225 има во прифатните центри во Македонија на Табановце и во „Винојуг“, за кои треба да се најде решение каде ќе ја презимат зимата, а свеста за состојбата со бегалците, ќе се подигнува со инсталација на фотографии од бегалците поставени во следните пет дена на улица „Македонија“ во Скопје.

Проектот „Бегалец сега –човек секогаш“, почна во понеделник во Скопје, со поставување на инсталацијата, како проект на УНХЦР, Високиот комесаријат за бегалци при ОН, Центарот за човекови права и Центарот за истражување, образование и развој Центар РЕД, а е финансиран од Европската унија.

„Оваа инсталација којашто ќе ви го приближи животот на бегалците и пред се кои се, дека тоа се луѓе, коишто имаат човекови права кои мораме да ги заштитиме и да ги згрижиме. Таа инсталација ќе мине низ четири градови низ Македонија. Почнува од Скопје, потоа ќе продолжи низ Прилеп, Струмица и Гостивар. Би сакал да ги поканам сите граѓани на земјава, коишто со отворено срце ги прифатија бегалците да излезат и да ги видат овие инсталации да се запознаат со бегалците“, рече Мохамед Ариф, претставник на УНХЦР во Скопје.

Бројот на бегалци во светот не се намалува, потенцира тој, туку напротив, тој е се поголем и ние треба да размислуваме како можеме повеќе да им помогнеме на беглаците.

„Се уште имаме мал број бегалци во оваа земја и работиме со владата за нив за да изнајдеме трајно решение. Но, до тогаш, им треба подобро сместување во земјава, затоа што се наоѓаме на сред зима“, вели Мохамед Ариф.

„Во моментов има околу 225 лица бегалци во државава. Обврска на власта е да се погрижат за овие лица, заедно со наша помош, да се најде трајно решение да се преместат од прифатните центри за да добијат соодветно сместување. Државните институции мора да се погрижат, а ние во тоа ги поддржуваме, се додека има бегалци во државава тие да не страдаат на ни еден начин“, вели Ариф.

Тој смета дека бројот на бегалци во Македонија е многу мал и дека до сега требаше да се реши нивниот статус и да не се разговара повеќе за тоа.

Во рамки на проектот се спроведува и обука за млади невработени лица селектирани преку локалните центри за вработување и младинските здруженија во наведените градови. Овие 40 млади невработени ќе бидат платено ангажирани во проектните активности.

http://makfax.com.mk