Околу 4 милиони луѓе може да заболат од Зика

0
346

Вирусот зика, кој се поврзува со сериозни вродени дефекти кај илјадници бебиња во Бразил, се „шири експлозивно“ и би можел да инфицира четири милиони луѓе во двете Америки, соопшти Светската здравствена организација (СЗО) во четвртокот.

Генералниот директор на СЗО, Маргарет Чан, им порача на членовите на Извршниот одбор на здравствената организација на ОН, дека ширењето на болеста што ја пренесуваат комарци прераснало од умерена закана во закана со алармантни размери. СЗО ќе свика итен состанок в понеделник за да помогне да се утврди одговорот, рече таа.

„Нивото на тревога е исклучително високо“, изјави Чан на собирот во Женева.

„Минатата година вирусот беше откриен во двете Америки, каде што сега се шири експлозивно. До денес има пријавени случаи во 23 земји и територии во регионот“, изјави Чен, ветувајќи брза акција на СЗО.

„Нема да чекаме науката да ни каже дека постои врска со вродените дефекти. Треба да преземеме мерки сега“, рече Чан, осврнувајќи се на состојбата наречена микроцефалија, кога се раѓаат бебиња со абнормално мали глави и мозоци кои не се правилно развиени.

Не постои вакцина или третман за вирусот зика, кој е како треската денга и предизвикува умерена треска, исип и црвени очи.