Оланд и Меркел: Балканци, не стравувајте, брегзитот нема да влијае на вас

0
247

Излегувањето на Велика Британија од Европската Унија не би требало да ја доведе во прашање европската перспектива на земјите од Западен Балкан, изјавија  во Париз германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд.

„Одлуката на Велика Британија не смени ништо во тој поглед, а тоа е она од што тие земји се плашат“, изјави Меркел по завршувањето на третиот самит за Западен Балкан.

Во Париз  се собраа лидерите на шест земји од Европската Унија и шест земји од Западен Балкан, а 3-от самит на Берлинскиот процес, кој беше почнат пред две години за земјите од Југоисточна Европа низ регионална соработка на конкретни проекти да се приближат кон Европската Унија.

Станува збор за продолжение на процесот кој почна со средбата на 28 август 2014 во Берлин, а една година подоцна, на 27 август 2015 беше одржан самитот во Виена. Во рамки на тој процес беше предвидено одржување на пет такви самити до 2018 година. Берлинскиот процес е продолжување на процесот Брдо-Бриони, кој во 2013 го почнаа Хрватска и Словенија.

Домаќинот на самитот, францускиот претседател Оланд, потврди дека брегзитот „на никој начин не ги доведува во прашање“ обврските што ЕУ ги презеде кон земјите од Југоисточна Европа.

На средбата шесте земји од Западен Балкан потпишаа Договор за основање Регионална канцеларија за соработка на младите (РИКО). Канцеларијата ќе има седиште во Тирана, половина од буџетот ќе го финансираат шесте земји-потписнички, а другата половина меѓународните финансиски институции и Европската комисија.

Иницијативата почна како идеја на премиерите на Србија и Албанија на самитот во Берлин во 2014, а една година подоцна во Виена беше договорено формирање на канцеларијата.