Оперскиот пар Дурловски со песни од срцето

0
455

По повод 8 -ми септември, Денот на независноста на Р.Македонија, Ана и Игор Дурловски одржаа концерт во Центарот за култура во Битола. Тие настапија заедно со оркестарот на МОБ.
„Песни од срцата“ е насловот на музичкиот проект што во себе ги инкорпорира едни од најубавите љубовни песни од народната македонска музичка традиција. Нивната навидум едноставна лирика, полна со скриени пораки, нивната звучна колоритност, како и силната експресија на народното творештво врежан во нашата колективна меморија, едноставно – нивната магија, овој пат беше пренесена во едно поинакво руво.
Љубовта, онаа наивна, чиста, недопрена, онаа остварената, но и неостварената, копнежот, страста, а од друга страна зависта, па и болеста и смртта, или чувството на љубовта во сите нејзини варијанти, беше презентирана од реномираните оперски музичари Ана и Игор.
Сосема нови аранжмани на песните за оваа пригода создаде македонскиот истакнат композитор Сони Петровски, воедно и уметнички директор на МОБ., обликувајќи ги со силна креативна и творечка индивидуалност, а меѓу нив прозвучи и неговото дело „Пијан танец – пајдушко“.
Уникатноста на овој музички настан ја дава токму спојот на италијанското белканто, со кое се посветува внимание на убавината на тонот, со звуците на традиционалната мелоритмика.

Си заљубив едно моме, Разболела се Ленка Пингова, Што да правам, што да чинам, Нели ти реков, моме Донке, Назад, Калино моме и други, беа дел од композициите што беа исполнети на концертот Песни од срцата.