Ослободување на Скопје награден на меѓународен филмски фестивал

0
206

Филмот “Ослободување на Скопје” во режија на Раде и Данило Шербеџија на неодамна завршениот Интернационален филмски фестивал на филмска режија во Лесковац ја доби наградата за најдобра продукција.
Истотака учествуваше и на фестивалот Raindance во Лондон, каде ја имаше својата британска премиера.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Хрватска и Финска. Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Игор Нола, Владимир Анастасов и Арто Халонен, режија Раде и Данило Шербеџија.

Голем дел од филмот е сниман во Битола, по големата и сензационална драма на Душан Јовановиќ, по која се направени неколку театарски претстави во Белград, Загреб, Скопје, Сараево и во Љубљана, а која ја виде и публиката низ светот кога ја работеше Љубиша Ристиќ, а Раде Шербеџија играше во неа.

Главниот лик во оваа приказна е Зоран, осумгодишно момче, и низ неговите очи се прикажуваат суровите сцени на војната, сликите на сиромаштијата и страдањата за време на окупираното Скопје.

Главната улога во филмот ја игра 11-годишниот Давид Тодоровски, кој дебитира во овој филм, а покрај него настапуваат актерите: Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула и Аксел Мехмед. Сценариото е на Душан Јовановиќ и на Раде Шербеџија, а во една фаза на филмот на него работел и Живоин Павловиќ. Режисерот и косценарист Шербеџија играше и во праизведбата на текстот за истоимената драмска претстава во Загреб во 1970-тите години. Директор на фотографија е Дејан Димески, а Влатко Стефановски е автор на музиката за филмот.

Со македонската премиера на „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија, сниман низ битолските улици,  беше отворено минатогодишното издание  на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Светската премиера беше во Пула, во рамките на 53-от Пулски филмски фестивал.

 

Без коментари