Османи следната недела во Атина

0
122

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи наредната недела најверојатно ќе ја посети Атина каде што ќе разговара со високи претставници на грчките власти, јави онлајн изданието на весникот „Катимерини“.

Повикувајќи се на аналитичари, весникот информира дека се очекува средбите меѓу претставници на двете земји да се интензивираат на почетокот од следната година.

Не прецизирајќи дали посетата на Османи е во рамките на напорите за решавање на прашањето за името, или во врска со другите аспекти од билатералните односи меѓу Македонија и Грција, весникот во истиот текст се осврнува на средбата со медијаторот Метју Нимиц која за наредната недела ја најави премиерот Зоран Заев.

– Состанокот следната недела меѓу Метју Нимиц, специјалниот медијатор на ОН за спорот за името на Поранешната Југословенска Република Македонија и преговарачите од Грција и ПЈРМ, се гледа како дел од напорите за забрзување на разговорите за решавање на проблемот кој ги подели земјите повеќе од две децении, пишува „Катимерини“.

Повикувајќи се на изјавата на премиерот Заев, весникот додава дека Нимиц на 20 и 21 ноември ќе има одвоени средби со Адамантиос Василакис и Васко Наумовски.

„Катимерини“ понатаму поотсетува дека грчкиот министер за надворешни работи, кој во Брисел се сретна со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, неодамна на прес-конференција рече дека првата половина од 2018 година би била идеално време за разговори меѓу двете страни.

– Надежите за решение беа обновени со победата на СДСМ на премиерот на ПЈРМ на локалните избори што се одржаа минатиот месец во соседната земја. Во понеделникот, Заев изјави дека треба да започнат нови напори за решавање на спорот за името, пишува грчкиот весник.

novatv.mк