Откажана комисијата за законот за јазици

0
414

Комисијата за европски прашања на која денеска требаше да почне амандманската расправа за  законот за употреба на јазиците е откажана. Нема информации кога би се одржала и зошто буквално преку ноќ ја снема од веб страницата на Собранието.

Претседателот на комисијата Артан Груби кој што е во работна посета во Брисел не одговараше на  телефонските повици. Откажувањето на комисијата доаѓа откако вчера еврокомесарот Јоханес Хан ја предупреди Владата дека законот за јазици не  е европски приоритет.

Пратеничката група на ДУИ не поднесе амандмани, бидејќи забелешките ги доставиле до Венециската комисија. Предлог-законот е со европско знаменце, расправата трае три дена. Потоа повторно се враќа на пленарна, по што ќе следува финално изјаснување на пратениците по текстот.

Од СДСМ велат дека со Законот се унапредуваат правата и на условно помалите етнички заедници. ВМРО-ДПМНЕ инсистира на јавна дебата за Законот за употреба на јазиците. Бараат да се тргне европското знаменце од предлог- текстот.

Шаторите што вчера попладне пред Собранието ги постави здружението „Семакедонски Национален совет“ по неколку часа беа отстранети. Претходно, од здружението порачаа дека нема да си заминат оттаму сè додека не се повлече Предлог-законот за употреба на јазиците.